Властите на Мозамбик почнаа денеска со итна евакуација на населението во јужните области, кои се погодени од поплави и каде 55 илјади лица се во опасност поради зголемувањето на водостојот.
– Им наложуваме на луѓето да преминат во побезбедните области. Според нашите проценки загрозени се 55 илјади лица, изјави портпаролот на Службата за вонредни состојби Рита Алмеида.
Спасувачките екипи веќе се распоредени во погодените области, а испратени се и моторни чамци, со кои жителите би се превезле до безбедните региони, каде ќе бидат сместени во десет привремени прифатилишта.
Во јужните и централните делови на јужноафриканската држава е издадено црвено предупредување, откако беа погодени од најпоројните дождови од 2000 година, кога во поплавите загинаа 800 лица. Од почетокот на дождовната сезона во октомври во поплавите веќе загинале 35 лица, а нивото на водата во осум големи реки е над кризната вредност.