Полицијата се повлече од плоштадот Таксим

Од:

Полицијата се повлече од централниот истанбулски плоштад Таксим, каде два дена имаше судири меѓу полицијата и демонстрантите, кои се против плановите на властите за реконструкција на плоштадот.

Како што јавија дел од турските медиуми, неколку илјади демонстранти го преплавиле плоштадот откако полицијата ги отстрани вчера поставените барикади и почна да се повлекува од плоштадот.

Во меѓувреме турскиот претседател Абдулах Ѓул апелираше на разум и за воспоставување на мир откако протестите стигнаа до „загрижувачко ниво“.

Ѓул ја повика и полицијата да не применува прекумерна сила. Претходно, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ги повика демонстрантите веднаш да го прекинат протестот, додавајќи дека нема да се сменат плановите за преуредување на централниот истанбулски плоштад Таксим.

Тој наведе дека е можно полицијата да употребила преголемо количество солзавец и оти таквите тврдења ќе бидат испитани.

Турската полиција употреби солзавец и водени топови врз демонстрантите кои се обидуваа да стигнат до Таксим, како и врз луѓето кои се обидувале да стигнат до зградата на Парламентот во Анкара.

И Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе покрене постапка против полицајците кои употребиле прекумерна сила.

Поради случувањата во Турција и големиот број повредени луѓе загриженост изрази и Стејт департментот, додека „Амнести интернешенел“ и Европскиот парламент изразија загриженост поради прекумертната употреба на сила против демонстрантите истакнувајќи дека тоа само поттикнува ширење на протестите.

Претставничката на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Дуња Мијатовиќ изрази загриженост поради начинот на кој полицијата се однесувала кон медиумите кои известуваат за демонстрациите во Истанбул.

– Загрижена сум поради прекумерната употреба на сила и повредените медиумски работници. Полицијата треба да им ја олесни работата на новинарите, тие треба да се безбедни за да ја извршат својата должност и да известат за прашањата од јавен интерес, истакна Мијатовиќ.

Меѓу повредените се новинар на дневниот весник „Биргин“, и двајца фоторепортери, на весникот „Хуријет“ и на агенцијата Ројтерс.

Протестите почнаа синоќа поради одлуката за реконструкција на паркот Гези на плоштадот Таксим, каде е предвидено да се гради трговски центар и да се реконструираат воени касарни од времето на Османлиската империја. Демонстрациите за заштита на паркот прераснаа во антивладини протести и се проширија и низ другите турски градови.

Невладините организации за заштита на човековите права тврдат дека во синоќешните судири меѓу демонстрантите и полицијата повредени се стотици луѓе.

Во повеќе градови во Турција во текот на ноќта и раните утрински часови приведени се околу 180 луѓе поради насилствата за време на протестите. Во Истанбул се приведени 69 луѓе, во Измир 90, Испарта 16 и Кајзери девет луѓе, потврдија официјални лица.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Затворени училишта во Турција поради снежната бура, затрупани автомобили, во тек е извлекување на завеаните

Горан Наумовски

Масакр во Турција: Маж убил осум лица, меѓу кои и неговите најблиски

Горан Наумовски

Ердоган: Турција ги прекина односите со Израел

Ердоган: Нема објаснување зошто процесот на пристапување на Турција во ЕУ е блокиран со години

Ердоган: САД ги користат терористичките организации на Блискиот Исток за свои интереси

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Турција ги нападна Курдите во Ирак и Сирија во знак на одмазда за терористичкиот напад кај Анкара

Горан Наумовски