Почина трудницата чиј лик го обиколи светот по руското бомбардирање на породилиштето во Украина, јавува Асошиејтед прес.
Асошиејтед прес сними бремена жена на носилка која спасувачите ја носат низ урнатините до амбулантно возило.
Веднаш била пренесена во друга болница каде лекарите се бореле да ја одржат во живот. АП пишува дека кога сфатила дека ќе го изгуби бебето, им викала „Убиј ме сега!“.
Хирург од болницата им рекол дека е донесена во тешка состојба, дека и се смачкани карлицата и колкот и дека лекарите направиле царски рез за да се обидат да го спасат бебето. За жал, бебето не давало знаци на живот, па, според зборовите на хирургот, тргнале да го спасат животот на мајката.
“Ја реанимиравме мајката повеќе од 30 минути, но за жал не успеавме. И бебето и мајката починаа”, рекол хирургот.
АП пишува дека во хаосот по нападот, лекарите не можеле да го дознаат нејзиното име, но нејзиниот сопруг и татко сепак дошле по нејзиното тело“.
„Барем некој дојде по неа, па таа не заврши во масовни гробници кои се копаат за се поголемиот број мртви во Мариупол“, заклучува АП.