Седум лица се приведени за нападот пред поранешните канцеларии на сатиричниот неделник „Шарли Ебдо“, откако маж вооружен со месарски нож вчера рани две лица во нападот кој се третира како терористички инцидент, пренесува Би-би-си.
Главниот осомничен, кој беше идентификуван како 18-годишник со пакистанско потекло, е уапсен во близина на местото на нападот. Полицијата соопшти дека се приведени уште шест лица и дека нивниот распит е во тек.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин рече дека очигледно станува збор за чин на исламски тероризам и оцени дека полицијата го потценила нивото на закана во таа област.
Идентитетот на жртвите на вчерашниот напад не е официјално соопштен, но полицијата наведува дека станува збор за маж и жена, кои работеле во продукциска куќа.
Премиерот Жан Кастекс пред новинарите изјави дека нивниот живот не е во опасност.
Нападот се случи во време кога во Париз во тек е судењето на осомничени за соучесници во серијата терористички напади извршени пред пет години, што започна со масакрот во тогашната канцеларија на весникот и заврши два дена подоцна по заложничката криза во супермаркет за продажба на храна која се подготвувала според „кошер“ стандардите.
За вкупно три дена, тогаш терористите убија 17 лица, од кои 12 во вооружен напад врз просториите на „Шарли Ебдо“, каде што во тоа време се одржуваше состанок на редакцијата.
Крвавиот напад врз редакцијата на „Шарли Ебдо“, во кој беше убиен и уредникот Стефан Шарбоније, претставуваше одмазда на екстремните исламисти поради контроверзните карикатури на пророкот Мухамед, кои весникот првпат ги објави во 2006 година.
Одбележувајќи го почетокот на судењето на соучесниците во нападите во 2015 година, уредничкиот одбор на весникот одлучи на почетокот на овој месец да ги објави повторно контроверзните карикатури на Мухамед, во чест на неговите убиени колеги, опишувајќи ги како „докази“ во процесот и како дел од историјата којашто како што е наведено, „не може повторно да се испишува или да се избрише”.