Нобеловецот Орхан Памук го осуди репресивното однесување на владата на турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган, истакнувајќи дека тоа е причина за немирите во државата.
Тој ја критикуваше владата во Анкара поради тоа што не се консултирала со јавноста околу плановите за реновирање на паркот во Истанбул, што предизвика протести, а по реакциите на полицијата, преминаа во антивладини демонстрации.
-Оваа политика несомнено е дел од се поголемиот авторитативен и репресивен став на владата – истакан првиот турски писател, кој ја доби Нобеловата награда за литература, пренесе „Франс прес“.
Авторот на многубројните романи за Истанбул, им одаде почит на демонстрантите, истакнувајќи дека тие му даваат надеж и доверба во иднината.
Протестите во Турција започнаа поради плановите на владата да го реновира централниот плоштад и парк, но по интервенциите на полицијата преминаа во антивладини демонстрации какви што не се забележани во Турција последните 10 години.
Памук е еден од малкуте турски интелектуалци кој во 2005 година јавно го призна геноцидот на Турција над Ермените, поради што кривично беше гонет, а го критикуваше и начинот на кој Анкара постапува со курдското малцинство.
Неговите дела се преведени на повеќе од 60 јазици.
Елена Георгиевска