Палестинското Министерство за надворешни работи денеска повика на формирање меѓународен истражен тим кој ќе ги истражи неговите тврдења дека израелските сили егзекутирале затвореници.
Според сведоштвата на палестинските граѓани, повеќе од 30 тела на Палестинци се откриени закопани во северниот дел на Појасот Газа, се наведува во соопштението на Министерството, кое е под контрола на Хамас во Газа.
Министерството навело дека тие биле убиени со врзани очи и врзани раце, што е јасен доказ дека биле егзекутирани на најстрашниот начин, пренесе Ал Џезира.
Палестинското Министерство за надворешни работи смета дека откривањето на оваа масовна гробница ги одразува размерите на трагедијата на која се изложени палестинските цивили, масовни масакри и егзекуции дури и на затвореници, со флагрантно и грубо кршење на сите релевантни меѓународни норми и закони.