Лондонскиот поморски осигурителен пазар ги наведе украинските и руските територијални води во Црното и Азовското Море како области со висок ризик поради актуелните тензии во регионот, соопшти Нил Робертс, шеф за поморски работи и воздухопловство во ЛМА, која ги застапува интересите на сите осигурителни компании на пазарот на Лојд.
Насоките на Здружението на пазарот на Лојд и претставниците на лондонскиот осигурителен пазар внимателно се следат и влијаат врз одлуките на осигурителите за премиите за осигурување.
Нивниот Заеднички воен комитет обично се состанува квартално за да ги процени областите што ги смета за висок ризик за трговските бродови, со оглед на закани од војна, штрајкови, терористички напади и слични закани.
Списокот на ризични области е превентивно проширен „за да можат осигурениците и сопствениците на бродови правилно да преговараат за нивната изложеност“, следејќи ги промените во реално време, објасни Робертс.
– Би биле невнимателни доколку не го советуваме пазарот и не му дадеме шанса да реагира, изјави тој за Ројтерс, пренесува Хина. – Со зголемената поморска активност, дефинитивно постои можност за погрешна проценка, додаде тој.
Извор: МИА