Се очекува Индија да ја престигне Кина како најнаселена земја во светот до средината на оваа година, според проценките на Обединетите нации. Населението на Индија ќе биде 1,4286 милијарди во споредба со 1,4257 милијарди во Кина, според извештајот за состојбата на светското население на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
Населението на Кина се намали минатата година за прв пат во повеќе од шест децении, покажаа официјалните податоци на почетокот на оваа година. Извештајот на УНФПА, исто така, проценува дека светската популација ќе достигне 8045 милијарди луѓе до средината на 2023 година.
Индија нема спроведено попис од 2011 година.
Индија нема официјални податоци за населението бидејќи нема спроведено попис од 2011 година. Пописот во Индија, кој се одржува само еднаш во деценијата, требаше да се одржи во 2021 година, но мораше да се одложи поради пандемијата на коронавирус.
Логистичките пречки и политичката неподготвеност сега го оневозможуваат одржувањето, а малку е веројатно дека оваа голема акција ќе се случи наскоро, наведува агенцијата Франс прес.
Хинду националистичката влада на премиерот Нарендра Моди беше обвинета од критичарите дека намерно го одложува пописот за да избегне објавување податоци за чувствителни прашања како што е невработеноста пред националните избори следната година.
Според Истражувачкиот центар Пју, американски тинк-тенк, населението на Индија се зголемило за повеќе од милијарда луѓе од 1950 година, кога Обединетите нации почнаа да собираат демографски податоци.