Курдскиот бунтовнички лиред Абдула Оџалан повика за прекин на огнот и повлекување на припадниците на Курдската работничка партија (ПКК) од Турција, како дел од мировниот процес, што е најголемата надеж досега за ставање крај на конфликтот, што досега однесе над 40.000 жртви.
– Оружјето нека замолкне и политиката да земе надмоќ, рече Оџалан во порака прочитана од курдски политичар на церемонија во Дијарбекир по повод курдската нова година Невруз.
Околу 250.000 лица се собраа на свеченостите во очекување да ја слушнат пораката на Оџалан, прочитана на два јазика – турски и курдски.
– Дојде моментот, кога нашите вооружени сили треба да се повлечат надвор од границите… Тоа не е крајот, туку почетокот на нова ера, вели Оџалан во пораката.
Оџалан се наоѓа во затвор од неговото апсење во Кенија во 1999 година.
Во Турција е во тек процес на преговори за мирно надминување на курдскиот конфликт.