Во Доњецк денеска имало обид за убиство на премиерот на самопрогласената „Доњецка Народна Република“ (ДНР) Александар Захарченко, јавија руските медиуми.
Бо обидот за убиство е ранет неговиот возач, а Захарченко останал неповреден, јави ИТАР-ТАСС, повикувајќи се на извори од „ДНР“.
Повикувајќи се на членот на Советот за безбедност на „ДНР“, Сергеј Кавтараџе, руските меидуми јавија дека било пукано врз автомобилот на Захарченко.
-Захарченко е жив и здрав. Пукано е на неговото возило, рече тој.
Руската агенција потсетува дека на 7 јуни во Доњецк беше убиен еден од помошниците на претседателот на собранието на „ДНР“ Денис Пушилин, Максим Петрухин, а неколку дена подоцна кај зградата на регионалната администрација експлодира и возилото на Пушилин, при што погинаа неколку лица.
Во мај сепаратистите од самопрогласената „Луганска Народна Република“ (ЛНР) соопштија дека имало обид за убиство на лидерот на „ЛНР“ Валериј Болотов, кој беше ранет и сместен во болница.
Захарченко, кој има чин мајор, во мај 2014 година беше именуван за воен командант на Доњецк, а потоа беше на должноста заменик министер на полицијата на „ДНР“. Лично учествувал во борбите и бил ранет.
Претседателот на Владата на „ДНР“ стана на 7 август, откако оставка поднесе Александар Бородај, истакнувајќи дека е потребно „ да се формира единствена воена команда на републиката за да се оствари победа на фронтот”.