Обама ја номинираше Нуланд за помошник државен секретар, ја очекува борба во Сенатот

Од:

Претседателот на САД Барак Обама вчера ја потпиша подолго време очекуваната номинација на Викторија Нуланд за помошник државен секретар за Европа, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Се работи за позицијата која до март ја држеше Филип Гордон, а под која, меѓу другото, спаѓаат и прашањата поврзани со Македонија и Балканот.

Нуланд на ова место доаѓа како портпарол на Стејт департментот, а во својата кариера беше амбасадор во НАТО, шеф на Кабинетот на Строуб Талбот и советник на потпретседателот Дик Чејни.

Именувањето на Нуланд, сепак, не е во целост извесно, бидејќи за тоа е потребна согласност и на Сенатот. Демократската партија на Обама има контрола врз овој дом на Конгресот, но се очекува номинацијата на Нуланд да се соочи со противење, поради скандалот поврзан со терористичкиот напад врз конзулатот во Бенгази минатиот 11 септември.

Нуланд, како портпарол на Стејт департментот, е обвинета дека учествувала во прикривањето на терористичкиот карактер на нападот, и во менувањето на информациите кои американските власти ги направија достапни до конгресмените и до јавноста, а особено информациите дека пред нападот ЦИА предупредувала дека конзулатот е ранлив.

– Овие коментари може да се злоупотребат од членови на Конгресот да го нападнат Стејт департментот дека не сме обрнале доволно внимание на предупредувањата на ЦИА. Зошто би сакале да го испратиме ова до Конгресот, напиша Нуланд во врска со првичните извештаи подготвени по нападот во Бенгази.

Овој нејзин потег беше силно критикуван од страна на републиканските конгресмени и се очекува да биде проблем при потврдувањето на нејзината номинација.

Освен Нуланд, Обама го номинираше и пензионираниот генерал Даглас Лут како нов амбасадор на САД во НАТО. Лут треба да дојде на местото на балканскиот експерт Иво Далдер, кој од НАТО заминува како прв човек на Советот за глобални прашања од Чикаго.

Би можело да ве интересира

Вашингтон пост: САД добија околу 500 извештаи дека Израел злоупотребил американско оружје

САД воведоа мерки против компании и поединци кои ги заобиколуваат санкциите против Русија

Горан Наумовски

Вашингтон не сака да му помогне на Пекинг да развие технологии кои се закана за САД

Израел направи драстичен чекор, ја игнорираше Америка

Си-Ен-Ен: Почнаа преговорите меѓу Америка, Израел и Катар за прекин на огнот во Газа

Џеј-Ди Венс повика на преговори со Русија