Претседателот на Пaнама, Хозе Раул Мулино, отфрли какви било преговори со Соединетите Држави за Панамскиот канал, откако американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговата инаугурација минатата недела објави дека САД ќе го вратат под своја контрола.
„Не можам да преговарам, а уште помалку да започнам преговори за каналот. Тој е запечатен. Каналот е панамски“, рече Мулино на својата неделна прес-конференција.
Претседателот се обрати до јавноста во врска со претстојното патување на новиот американски државен секретар Марко Рубио во Централна Америка.
Во своето инаугуративно обраќање на 20 јануари, Трамп положи право на Панамскиот канал. Оттогаш, тој во неколку наврати отворено изјави дека САД треба да го контролираат овој важен воден пат.
Каналот долг 82 километри го поврзува Атлантикот со Пацификот во Централна Америка. Изграден е на почетокот на 20 век од страна на американскиот армиски корпус на инженери. На 31 декември 1999 година, САД ѝ ја отстапија контролата на каналот на Панама. Трансакцијата ја договорил неодамна починатиот демократски претседател на САД, Џими Картер.