Моја Европа: Што е на коцка?

Од:

Дојче веле – Бон

Кога Анила Вилмс во 90-тите години од Албанија дошла во Берлин, доживеала како жена до тогаш непозната слобода. За неа тоа е нешто многу важно, нешто за што вреди да се бориш.

Кога во октомври во 1994 година дојдов во Берлин, штотуку дипломирав на универзитетот во Тирана, сонувајќи за тоа да бидам интелектуалка на германско говорно подрачје, бев со скепса дека морам многу нешта да променам, но не можев ни да замислам колкав ќе биде тој културен шок.

Прво: студот. На Средоземјето се уште беше доцно лето, во Берлин мраз. Беше т.н. скок во ладна вода или подобро во ладен воздух во Берлин. Тоа е Источен ветер, веднаш ми рекоа, тој низ кој не се шират ни мириси ни бои и кој ја ограничува смислата за мода. Бидејќи, на таков ветер можете само во дебели јакни, шалови, капи и џемпери; и калиеви печки и подруми полни со јаглен, во згради чии фасади се уште имаат дупки од куршуми од последната војна.

Но, во Берлин имаше нешто поради кое бев подготвена да го прифатам студот со сите негови манифестации. За првпат во животот можев слободно да се движам по градот и кога беше темница. На улица никој не се завртуваше по мене, никој не ме напаѓаше. Немаше дофрлувања, тие погледи кои соблекуваат, никакви закани и пипкања од непознати мажи. Среде ноќ во подземна железница или на велосипед преку паркот Тиергартен, се чувствував безбедно. Мажите кои имаат моќ – службеници, полицајци, професори, не ми влеваа страв. И никој не ширеше заканувачки гласини за мојата „чест” и „морал”. Не бев повеќе објект на машките страсти! Чудно. Токму спротивното од тоа што во 80-тите и 90-тите години ми беше познато во изолираната, комунистичка и посткомунистичка Албанија.

Млади жени како мене имаа мир само во своите четири ѕида и во тесниот круг на пријатели.

Живот под заштитен оклоп

Девојчињата од мали научија да располагаат со потребни „инструменти” за да опстанат во таа крајно непријателска средина: невпечатлива облека, намуртен израз на лицето, агресивен одбоен поглед, вечно избегнување, емоционална манипулација, лицемерие, никогаш да не кажеш што мислиш, никогаш не ја откривај интимата, секогаш одлучно негирај какво било обвинение.

Тоа беше единствен начин за каков-таков опстанок во немилосрдната, физички и психички апсолутна доминација на се што е машко, инаку познато како патријархат. Тоа беше постојана исцрпувачка војна меѓу мажите и жените. Во такви околности може да се оствари само дел од креативниот потенцијал. Беше опасно, депресивно, беше многу лошо и многу досадно.

Ми беа потребни години додека поверував во слободата во Германија, додека полека не почнав да ги отфрлам своите софистицирани инструменти и бев во состојба да развијам опуштен, искрен и нормален однос кон мажите. Додека не сфатив дека во оваа земја, млада жена, за да напредува, не мора да има „заштитници”: таткото, влијателен сопруг, посесивен заштитнички вујко, силни браќа или некој таков, туку дека и се потребни само нејзините критички способности, емоционална интелиганција и морална храброст. Бидејќи борбата тука се води со јазик и со знаење, а не со тупаници.

Најдобар од сите светови

За нас жените, овој тука е најдобар од сите светови. А општество во кое жените се чувствуваат пријатно и во кое можат слободно да се движат, е добро за сите. Причината поради која Западот е како магнет за толку многу, посебно млади луѓе од патријахалните општества, секогаш е иста: слобода на жените и уважување на женската личност.

Животната смелост на жените го разубавува светот, го чини повозбудлив, блескав, весело место – генијалност, вредност, храброст, мерка и чувство за такт, леснотија и утеха, мудрост, лојалност и совесност на сите сестри, мајки, пријателки. Афродити, Атени, Амазонки, Марии и Магдалени: сите тие тука можат да бидат тоа што се, можат да се реализираат, да дадат се од себе, можат да живеат смислено со исполнети животи.

Во последно време, додека слушам за се почестите напади на млади жени, срцето ми крвари. Бидејќи, јас многу добро знам каква опасност се заканува кога жени ќе се најдат под притисок и кога се присилени да се заштитат со оклоп. Таков живот повеќе не е вреден за живеење. Не само за жените, туку за сите членови на општеството.

Како да се зачува слободата на жените? Тоа ќе биде многу важно прашање во наредните години, за политиката и општеството во целина. Општество кое не е во состојба или не сака да ја брани својата „мека сила” – ако е тоа потребно и „со тврда сила” осудено е на културна пропаст. Нашите баби биле на барикадите. Јас во секој момент сум подготвена да го сторам истото тоа. Се работи за една од основните цивилизациски придобивки на Западот.

Албанската писателка Анила Вилмс од 1994 година живее во Берлин. Во 2012 година излезе нејзиниот прв роман на германски јазик: „Албанско масло или убиство на улиците на Северот”.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Во Европа беснеат поплави: Во Романија има мртви, во Чешка евакуирани стотина граѓани

Европа се подготвува за катаклизма, доаѓа циклонот „Борис“

Горан Наумовски

Терористите на ИСИЛ влегуваат во Европа преправајќи се дека се Украинци

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

EУ стравува од терористички напади, најголемата закана се напаѓачите „волци“

ММФ ја предупреди Европа: Не се радувајте предвреме