Претставници на украинските власти, на неколку западни земји, меѓу кои и САД и Велика Британија, како и на меѓународни финансиски организации, се собраа денеска во Лондон на дводневен форум посветен на „откривање и враќање на милијардите долари украдени за време на режимот на поранешниот претседател на Украина, Виктор Јанукович.
Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков, кој на собирот ја предводи делегацијата на владата на Украина, изјави дека процесот на пронаоѓање на овие средства ќе биде долг и тежок.
Јавниот обвинител на Украина, Олег Махницки изјави дека новите власти во Киев утврдиле дека се „украдени најмалку 35 милијарди гривни (2,18 милијарди евра), нагласувајќи дека конечната сума би можела да достигне „десетици милијарди долари“.
– Се надеваме дека овој форум ќе ја мобилизира меѓународната заедница за пронаоѓање и враќање на украдените средства, со што ќе испрати јасна порака дека сторителите на ваквите нелегални активности нема да минат не казнети, нагласи Махницки.
Британскиот министер за внатрешни работи Тереза Меј од своја страна предуперди дека целиот процес на пронаоѓање на овие средтса ќе „трае со години“.