Демонстрант со палестинско знаме се самозапали пред израелскиот конзулат во Атланта, соопшти полицијата. Демонстрантот, кој не е идентификуван, е во критична состојба, изјави началникот на полицијата Дарин Шиербаум на прес-конференција. Повреден е и обезбедувачот кој се обидел да интервенира.
„Веруваме дека зградата е безбедна и не гледаме никаква закана“, рече началникот.
„Ова беше чин на екстремен политички протест“, додаде тој.
Демонстрантот пристигнал пред деловна зграда во која се сместени конзулатот и неколку фирми и се полил со бензин, соопшти полицијата.
„Ние сме тажни поради самозапалувањето на влезот во деловната зграда“, изјави за ABC News генералниот конзул на Израел за југоисточниот дел на САД, Анат Султан-Дадон.
„Трагично е да се види дека омразата и поттикнувањето кон Израел се изразени на толку страшен начин“, рече таа.