Европскиот комесар за проширување, Марта Кос, денеска изјави дека со Црна Гора и Албанија меѓу предводниците за членство во Европската Унија (ЕУ), се остварува визијата за проширување, поставена пред 23 години во Солун.
„На денешниот состанок на ’Пријателите на Западен Балкан‘ во Атина, чиј домаќин беше шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, нагласивме дека сега треба да се фокусираме на понатамошен напредок со сите земји од Западен Балкан“, напиша Марта Кос на платформата X.
Според неа, успехот на Црна Гора, која би можела да ги заврши преговорите до крајот на оваа година, претставува важен сигнал и извор на мотивација за целиот регион.
Групата „Пријатели на Западен Балкан“ е неформална политичка иницијатива на осум земји-членки на Европската Унија кои се залагаат за забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан – Австрија, Чешка, Грција, Хрватска, Италија, Унгарија, Словачка и Словенија. Таа е основана во 2023 година, на иницијатива на тогашниот австриски министер за надворешни работи, Александар Шаленберг.
На денешниот состанок во Атина присуствуваат шефовите на дипломатиите на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Косово, додека Србија ја претставува државната секретарка Невена Јовановиќ.
