Марош Шефчович се кандидира за претседател на Еврокомисијата

Од:

Потпретседателот на Европската комисија задолжен за енергетика, Словакот Марош Шефчович денеска најави дека ќе се номинира за кандидат на Европската социјалистичка партија за прв човек на Еврокомисијата.

– Минуваме низ неколку општествени промени на кои многу луѓе гледаат како на закана, изјави Шефчович, најавувајќи ја сопствената кандидатура.

Тој оцени дека зголемната нееднаквост придонесува за „извесна носталгија кон минатото“ и нагласи дека „лажните ветувања за лесни решенија“ поттикнуваат популистички, антиевропски и ксенонофобични ставови.

– Тие ги користат стравот на луѓето, легитимните разочарувања или бесот. Тие го крадат, искривуваат и го злоупотребуваат чувството на патриотизам, истакна 52-годишниот Шефчович, кој е и поранешен амбасадор на Словачка во ЕУ и Израел.

Шефчович е првиот член на Европската социјалистичка партија, што ја најави својата кандидатура за местото претседател на Еврокомисијата. Меѓу останатите можни социјалистички кандидати за оваа функција се споменуваат и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс и еврокомесарот за економија Пјер Московиси. Рокот за доставување на кандидатурите истекува на 18 октомври.

Покрај Шефчович, досега кандидатура за местото претседател на Еврокомисијата најави уште само германскиот европратеник и лидер на Групата на Европската народна партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер.

Во исто време, Европската зелена партија денеска соопшти дека во трката за нејзин кандидат за претседател на Еврокомисијата се четворица политичари, меѓу кои и европратениците Ска Келер и Бас Ајкхут. Зелените својот кандидат за прв човек на Европската комисија ќе го изберат на партискиот Конгрес што ќе се одржи од 23 до 25 ноември во Берлин.

Како што јави ДПА, согласно принципот воспоставен пред минатите избори за Европарламентот, европските партии номинираат свои кандидати за претседател на Еврокомисијата. Кандидатот на партијата што ќе освои најмногу пратеници на изборите има најголеми шанси да биде нов прв човек на Европската комисија, иако конечниот избор на носителот на оваа функција го прават самите земји членки на ЕУ.

Актуелниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер најави дека нема да се кандидира за уште еден мандат на функцијата на изборите за Европарламентот што ќе се одржат во мај 2019 година.

Би можело да ве интересира

ЕК: Македонија ќе ги добие средствата за пред-финансирање што е можно поскоро

Европската Комисија го осуди денешниот руски ракетен во Киев

Горан Наумовски

Европската Комисија предлага почеток на нов европски дигитален граничен систем

Горан Наумовски

Мерсие: ЕК работи на исплата на првите средства од Планот за раст на Западниот Балкан

Рокас: Од новиот состав на Европската Комисија треба да очекувате многу напорна работа

Горан Наумовски

Европскиот парламент ја одобри новата Европска Комисија на Урсула фон дер Лајен