Мајката на младата Индијка, која минатиот месец почина од последиците на бруталното силување и физичкиот напад во автобус во Њу Делхи, денеска изјави дека сите шестмина напаѓачи заслужуваат смртна казна.
Мајката на 23-годишната девојка го истакна ова за индискиот весник „Тајмс“ во првата јавна изјава по смртта на нејзината ќерка.
Пет од шестмината напаѓачи се обвинети за силување и убиство на студентката и соочени со можноста за добивање смртна казна. Шестиот напаѓач тврди дека има 17 години, а доколку тоа се потврди, него ќе му се суди во суд за малолетници, кој може да му досуди казна најмногу од три години со обврзна рехабилитација.
Индиските власти се уште го немаат соопштено името на жртвата на нападот, кој се случи во автобус на 16 декември минатата година.