Процесот на ширење на ЕУ мора да продолжи и за време на претседавањето на Ирска, оцени државниот секретар во МНР на Австрија Рајнхолд Лопатка.
Тој истакна дека мора да се земат предвид трошоците што настанаа со „неширењето“ и поради тоа се потребни понатамошни чекори.
– Сега е потребно да се преземат понатамошни чекори како што е почеток на преговори со Македонија, но и со Србија, ако се подобрат доносите со Косово, наведе тој во соопштение.
Лопатка констатираше дека во одделни држави во ЕУ е видлив одреден умор од ширење.
– Ако ЕУ не биде и понатаму активна тоа значи дека на државите од Западен Балкан ќе им биде одземена европската перспектива и ќе настане вакуум во тој регион по што други актери автоматски би добиле влијание, предупредува тој укажувајќи дека тоа може да бидат Русија, Турција или некои други држави со економии во раст.
Предупреди и дека доколку отпадне европската перспектива, постои закана од низа негативни развојни ситуации што ќе придонесе за нестабилност во регионот. Според него, може да се случи ново разгорување на насилните спорови кои би биле трошоци за ЕУ како и растечки притисок од имигранти врз државите-членки.