Кој повеќе и помогнал на Украина, САД или Европа – што покажуваат бројките

Од:

Во текот на изминатите три години руска агресија врз Украина, земјите донатори обезбедија континуирана, но ограничена помош.

Според Програмата за мониторинг на поддршката на Украина во Килскиот институт за светска економија, на Украина и биле доделени вкупно речиси 267 милијарди евра помош во последните три години, што е повеќе од 80 милијарди евра годишно.

Од вкупната сума, 130 милијарди евра (49 отсто) се наменети за воена помош, 118 милијарди евра (44 отсто) за финансиска поддршка и 19 милијарди евра (7 отсто) за хуманитарна помош.

Соединетите држави испратија најмногу помош – 64 милијарди евра воена и 50 милијарди евра финансиска и хуманитарна помош, но ако ја гледаме Европа во целина, тоа е најголемиот донатор со 70 милијарди евра финансиска и хуманитарна помош и 62 милијарди евра воена помош.

Падот на американската помош започна во средината на 2023 година, а тековите на помош беа значително намалени во текот на деветте месеци кога американскиот Конгрес го блокираше целото ново законодавство за помош.

Иако протокот на помош беше делумно обновен на крајот на 2024 година, враќањето на Доналд Трамп на претседателската функција покренува прашања за иднината на американската воена поддршка, што може значително да го зголеми притисокот врз европските влади.

Трамп неодамна изјави дека САД дале помош од 350 милијарди долари за Украина и сега бараат од неа да ги врати парите преку пристап до природните ресурси. Таа бара 50 отсто од приходите од минерали, нафта и гас, како и удели во пристаништата и друга клучна инфраструктура.

Тој, исто така, инсистира Украина да придонесе во заедничкиот инвестициски фонд додека не достигне 500 милијарди долари. Трамп, исто така, тврди дека Европа дала само 100 милијарди долари помош, додека податоците покажуваат дека европските земји заедно дале повеќе од САД.

Иако овие бројки изгледаат импресивно, вкупната сума е релативно мала кога се гледа во однос на БДП на земјите донатори, потсетува Ал Џезира.

Германија, Велика Британија и САД мобилизираа помалку од 0,2 отсто од БДП годишно за да и помогнат на Украина, додека Франција, Италија и Шпанија издвојуваа околу 0,1 отсто.

Германските даночни субвенции само за дизел гориво ги чинат даночните обврзници три пати повеќе од вкупната воена помош на земјата за Украина, пишува Ал Џезира.

Гледајќи го уделот на помошта во БДП на земјите донатори, источноевропските земји се во водство.

На почетокот на војната, воената поддршка за Украина доаѓаше главно од постоечките национални арсенали. Сепак, продолжениот конфликт ги исцрпи овие резерви, па воената помош во текот на 2023 и 2024 година сè повеќе доаѓаше од индустриското производство.

Оваа промена е особено видлива во Германија, каде што речиси три четвртини од воената опрема за Украина беше нарачана директно од индустријата, додека 48 отсто од воената помош на САД доаѓа од нови нарачки.

Обединетото Кралство повеќе се потпираше на постоечките залихи, па 22 отсто од помошта дојде од нови нарачки.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Македонија е коспонзор на резолуцијата на САД за Украина, ЕУ поднесува своја

Oблачно со услови за дожд

Здружението „Лесја Украинка“ со марш во центарот на Скопје ја опдбележа третата годишнина од руската инвазија врз Украина

ВИДЕО: „Три години херојски отпор“, Зеленски објави порака на годишнината од војната

ВИДЕО: Нападната рафинерија во Русија, предизвикан пожар

Русија не ја прифаќа идејата на САД за брз прекин на војната