Кинеските вооружени сили добиле наредба да ја подигнат борбената готовност во 2013 година, јавија денеска кинеските медиуми.
– Во 2013 година Народно ослободителната војска и Кинеската народна вооружена полиција мораат да се фокусираат на задачата да бидат во состојба да се борат и победат во борбата, пишува партискиот весник „Женмин Жибао“.
Оваа директива е дадена во документ, објавен на почетокот на годината од страна на Генералштабот на Народна ослободителната војска за воените тренинзи во 2013 година, додава весникот.
– За да се подготват за војна вооружените сили мораат исто така енергично да ги зајакнат воените тренинзи како да се во услови на вистинска војна и да ги интензивираат напорите за обука на воениот персонал од повисок ранг, се наведува во написот.
Во текстот не се споменува спорот со Токио околу островите во Источното Кинеско Море, кои ги контролира Јапонија. Токио овие острови ги нарекува Сенкаку, а Пекинг, кој тврди дека се кинески, ги нарекува Диаоју.
Поморскиот спор, кој со различен интензитет трае со децении, се распламти минатата година кога јапонската Влада го купи и го национализираше ненаселениот архипелаг, што предизвика масовни протести во Кина и повик за бојкот на јапонските производи.