Многу проблематичниот кинески систем на превоспитување во работните логори се предвидува да се укине оваа година, изјави експерт по правни прашања.
Тоа е уште еден знак дека се одброени деновите на контроверзниот систем што ѝ овозможуваше на полицијата да осуди ситни криминалци, активисти и дисиденти, на четири години работен логор без одлука на судот, пренесе „Танјуг“.
Веста следи откако новиот генерален секретар на Комунистичката партија Сји Џинпинг рече дека она што е надвор од допирот на граѓаните, партијата го препознала како ургентен проблем. Критичарите на тој систем укажуваа дека со тоа се подрушува владеењето на законите и дека тоа е вперено против критичарите на власта и петиционерите што настојуваат да укажат на злоупотреба од страна на функционерите и високите институции.