Украинските власти нема да водат официјални преговори со претставници на самопрогласените „Доњецка Народна Република“ (ДНР) и „Луганска Народна Република“ (ЛНР), изјави денеска на брифинг во Киев заменик шефот на администрацијата на украинскиот претседател, Валериј Чалиј, пренесе ИТАР-ТАСС.
– За нас официјални преговори со терористите се недозволиви. Но, Контакт групата, која веќе неколку пати се сретна, а во нејзината работа учествуваа ОБСЕ, експретседателот Леонид Кучма и рускиот амбасадор во Украина Михаил Зурабов, и натаму е подготвена да ги води овие консултации, рече Чалиј.
Градоначалникот на Доњецк Александар Лукјанченко вчера изјави дека украинскиот претседател Петро Порошенко предложил да се оддржат преговори со учество на претставници на сепаратисите во Свјетогорск.
Украинската Влада донесе одлука за укинување на финансиските привилегии за поранешните чиновници и членовите на нивните семејства, соопшти на брифинг министерот без ресор Остап Семерак. Министерскиот совет, исто така, на Врхованат рада и препорачал да ги усвои овие одлуки.
Според него, конкретно станува збор за здравственото и патното осигурување на поранешните службеници и нивните семејства на сметка на државата.
Одлучено е да се укинат и паричните дополнителни примања на чиновниците, кои во моментот се на државна служба.