Украинскиот Парламент денеска треба да го разгледува предлог-законот со кој може да се ограничи извозот на руски гас преку украинска територија.
Со овој закон да се создаде основа за воведување на санкции кон определени видови економска дејност, вклучувајќи и давањето услуги за транспорт на енергетски суровини.
Ваквите мерки, меѓутоа, освен Русија ќе ја погодат и Европската унија, бидејќи во моментов 15 европски држави преку украинска територија добиваат меѓу 30 и 100 проценти од неопходниот гас.
Како што јави ИТАР-ТАСС, украинската гасна компанија „Нафтогаз“ веќе му предложила на рускиот монопол „Газпром“, при евентуално воведување на санкциите, „синото гориво“ да и го продава на руско-украинската граница и потоа тоа да биде транспортирано од компании што не се опфатенис со санкциите и сите договори да се склучуваат преку „Нафтогаз“. Доколку „Газпром“ ја прифати ваквата украинска понуда, таа би била привремена.
Експерти, пак, сметаат дека во замена за тоа, рускиот концерн може да побара од Европската унија одобрение за реализација на проектот „Јужен поток“, преку кој гасот што се дистрибуира во Европа ќе ја заобиколува украинската територија.
На крајот на минатата недела, украинскиот премиер Арсениј Јацењук најави дека Киев планира воведување економски санкции кон руски државјани и компании.
Украина планира да воведе 26 вида ограничувања, вклучувајќи и замрзнување на сметки, забрани за дејност на фирми, за приватизација на претпријатија во државна сопственост и за користење лиценци, запирање на финансиски операции, како и целосна или делумна забрана за транзит на суровини.