Најмалку петмина работници загинаа, а уште еден е повреден во напад на милитантите во индискиот дел на Кашмир, што е еден од најсмртоносните напади во овој проблематичен регион во последните месеци, јави ДПА.
Петмината мажи, сите градежни работници од државата Западен Бенгал, во источна Индија, се застрелани вчеравечер во јужниот кварт Кулгам, соопшти локалната полиција.
ДПА цитирајќи го весникот „Тајмс оф Индија“ пренесува дека милитантите ги киднапирале работниците, ги построиле и потоа пукале во нив, убивајќи ги петтемината на лице место.
Еден работник бил сериозно повреден и потоа оставен да почине. Тој бил однесен во болницата во главниот град на Шринагар.
„Ние сме шокирани и длабоко жалиме од бруталните убиства во Кашмир. Сета помош ќе биде пратена до семејствата (на жртвите) во оваа трагична ситуација“, на Твитер напиша премиерката на Западен Бенгал, Мамата Банерје.
Нападот се случи истиот ден кога делегација европарламентарци ја почна дводневната посета на регионот за да направи проценка за состојбата во овој проблематичен регион.
Милитантите напаѓаат возачи на камиони и работници кои доаѓаат од другите индиски држави, уште од 5 август кога властите во Њу Делхи му го одземаа на мнозинското муслиманско население полуавтономниот статус и им наметнаа ограничувања за движење и комуникација.
Најмалку четворица возачи на камиони, од другите региони на земјата, кои биле вклучени во транспорт на јаболка, што е главно овошје во регионот, во октомври беа убиени во одделни напади.
Во Кашмир има сепаратистичко востание уште од осумдесеттите години на минатиот век и во него досега се убиени десетици илјади лица.
Индија тврди дека Пакистан им помага и ги поттикнува милитантите во Кашмир, обвинение кое Исламабад го негира, нарекувајќи ги борци за слобода.