Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека неговата земја има „потребна волја“ да ја заврши војната со Израел и САД, но под услов да добие гаранции дека конфликтот нема да се повтори.
Во исто време, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека наредните денови од војната ќе бидат „одлучувачки“ и не ја исклучи можноста за испраќање американски копнени сили во Иран, објави Euronews.
– Имаме потребна волја да го завршиме овој конфликт, но мора да се исполнат клучни услови, а тоа се, пред сè, гаранции дека агресијата нема да се повтори, рече Пезешкијан во телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, според соопштението од неговата канцеларија, повторувајќи го клучното барање на Техеран.
По разговорот, Коста објави на социјалните мрежи дека „сегашната ситуација на Блискиот Исток е исклучително опасна“ и го повика Иран да ги смири тензиите.
„За да се намалат тензиите, го повикав Иран да ги запре своите неприфатливи напади врз земјите во регионот и конструктивно да се ангажира во дипломатијата, особено со ОН, за да се обезбеди слобода на пловидба во Ормутскиот теснец“, напиша тој на платформата X.
