Британската пролевичарска тинк-танк организација „Демос“ ја повика денеска британската Влада да донесе прописи според кои имигрантите од земјите-членки на ЕУ, не ќе може да користат социјална помош и сите други социјални бенефиции во првите две години од нивниот престој во Велика Британија.
Во објавените детали од обемниот преглед на британско-европските односи „Демос“ заговара низа радикални мерки, што би требало да го намалат напливот на имигранти во земјата, инсистирајќи дека премиерот Дејвид Камерон и неговата Влада треба да обезбедат повеќе работни места за британските работници.
Во прегледот што го има изработено оваа тинк-танк организација се сугерира ограничување на бројот на странските имигранти кои бараат работа во британските фирми, како и исклучување на најсиромашните земји на ЕУ од членството во Унијата.
Радикалните предлози на инаку проевропската организација, која важи за блиска до британските лабуристи, доаѓаат по откритието дека од 2004 година, кога ЕУ се прошири со уште десет нови членки, Велика Британија стана прибежиште за 1,4 милиони имигранти.
Според „Демос“ станува збор за најголемата преселба на луѓе во Европа, во мирновременски услови. Бројот на источноевропските имигранти е десетоструко зголемен во последната деценија, а таквата состојба може уште повеќе да се влоши по 1 јануари 2014 година, кога се укинуваат ограничувањата во вработувањето за државјаните на Бугарија и Романија.
Претставник на Даунинг стрит 10 одби да ги коментира препораките на оваа тинк-танк организација, освен што рече дека има ефекти од рекламната кампања со која имигрантите илегалци се повикуваат самите да заминат од Велика Британија и да се вратат дома.
Владините министри од редовите на коалицискиот партнер, Партијата на либералдемократите продолжуваат да ја осудуваат кампањата, тврдејќи дека таа не е владина, туку само на конзервативната партија. Министерот за бизнис Винс Кејбл, од редовите на либералдемократите изјави дека кампањата е „глупава и навредлива“.