При турски воздушни напади врз курдски позиции во Сирија минатиот месец биле убиени 24 цивили, меѓу кои шест деца, соопшти денеска меѓународната организација за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ), предупредувајќи дека обичните граѓани го добиваат главниот удар во конфликтот.
Според информацијата, воздушните напади биле извршени врз реон, во кој над 40 цивили побарале засолниште од судирите. Нападите биле извршени четвртиот ден од почетокот на турската операција во северниот дел на Сирија против Исламска држава и Сириските демократски сили, во кои Курдите имаат доминантна улога.
– Смртта на 24 цивили можела да биде избегната доколку борци на Сириските демократски сили не ги распоредиле своите позиции меѓу станбени згради, и ако турските сили утврдиле дали таму има цивили, изјави Оле Солванг, истражител во ХРВ.
САД упатија критика за турските акции врз курдски позиции и побараа од Анкара да ги прекине воздушните напади врз Сириските демократски сили, а да се осврне само кон борбата против ИД.
Засега нема одговор од турските власти за тврдењето на ХРВ, но Владата во Анкара минатиот месец нагласи дека во операцијата се убиени само „терористи“.