Харис и Трамп за Балканот: Приоритет е борбата против корупцијата

Од:

И двајцата кандидати за претседател на САД, Камала Харис и Доналд Трамп, најавија дека борбата против корупцијата и притисокот од странство ќе биде приоритет на нивните администрации кога станува збор за Западен Балкан.

Потпретседателката на САД, демократската кандидатка Камала Харис изјави дека доколку биде избрана за претседател, ќе ги заштити правата на граѓаните и државите слободно да го изразат својот национален идентитет, додека поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп вети економска соработка и безбедност во Западен Балкан доколку победи на изборите на 5 ноември.

Кампањите на двајцата кандидати ја најавија својата поддршка за демократските институции и борбата против корупцијата во регионот за Гласот на Америка (ВоА) на македонски јазик.

Портпаролката на кампањата Камала Харис изјави за Гласот на Америка дека демократскиот кандидат постојано се залага за унапредување на демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата.

„Борбата против корупцијата е клучен интерес на националната безбедност на САД и е една од причините зошто потпретседателот Харис е целосно посветен на унапредување на евроатлантските аспирации на шесте земји од Западен Балкан. НАТО и Европската унија се засноваат на заеднички демократски вредности, вклучително силни, независни и одговорни институции“, се вели во нејзиниот одговор.

Албанските медиуми потсетуваат дека Камала Харис ја поддржува и албанската заедница во САД, нагласувајќи ги посебните врски меѓу Американците и Албанците кои траат повеќе од еден век, од мировната конференција во Париз по Првата светска војна.

„Американците со албанско потекло се уште паметат дека САД се вклучија во тој решавачки момент за независноста на Албанија. Сакам да го потврдам силното партнерство меѓу САД и Албанија“, наведува Харис во писмото, додавајќи дека Албанија е стабилен сојузник на НАТО и дека ја цени таа земја „за нејзиниот придонес за стабилноста во регионот, како и за нејзиното лидерство. во Советот за безбедност на ОН во месеците по почетокот на руската брутална агресија врз Украина“, се наведува во писмото упатено до албанско-американската заедница во пресрет на изборите.

Во тоа писмо Харис ја истакна нејзината поддршка за Косово.

„САД, исто така, ги предводеа европските сојузници и партнери во поддршката на независноста и историскиот суверенитет на Република Косово и продолжуваат да го поддржуваат мултиетничкото, демократско Косово целосно интегрирано во меѓународната заедница“, рече таа.

Од друга страна, Христос Марафацос од кампањата на поранешниот претседател Доналд Трамп изјави за македонскиот сервис на Гласот на Америка дека надворешната политика на Трамп кон Западен Балкан „ќе стави акцент на прагматични партнерства, ориентирани кон акција и фокусирани на одржливост, економски можности и борба против корупцијата“.

Според него, администрацијата предводена од Трамп не само што би промовирала општи изјави за демократијата, туку би постигнала реални и одговорни резултати преку директна работа со локалните лидери и граѓаните во регионот.

„Претседателот Трамп разбира дека вистинскиот мир доаѓа од силни, самоодржливи нации. Неговата администрација ќе се фокусира на зајакнување на економијата и безбедноста на балканските земји, овозможувајќи им да се спротивстават на корупцијата и надворешните притисоци. Ова значи поддршка на стратегиски економски трговски договори и антикорупциски мерки, не само со зборови, туку преку партнерства за акција, споделување ресурси и обука што ги зајакнува локалните институции“, рече Марафацос.

Дополнително, додаде тој, „администрацијата на Трамп ќе даде приоритет на индивидуалните слободи и ќе ги отстрани бирократските пречки кои го попречуваат напредокот во овие земји, помагајќи да се унапредат вистинските демократски вредности преку зајакнување на граѓаните и локалните институции“.

Кампањата на Трамп ја критикуваше надворешната политика на администрацијата на претседателот Џо Бајден за неактивност и недостаток на посветеност за вистинско разбирање на уникатните предизвици во регионот.

„Наместо да се спроведуваат значајни економски иницијативи и раст во земји како Грција, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Романија и Словенија, со цел да се поддржат тие нации во нивната борба против корупцијата и интеграција во ЕУ, администрацијата на Бајден се одлучи за пасивен пристап. Овој недостаток на ангажман не само што го спречи економскиот напредок, туку остави многу балкански држави да се чувствуваат запоставено и потценето додека тензиите врие без соодветна интервенција“, рече Марафацос.

Според него, администрацијата на Трамп би донела нов и решителен пристап.

„Претседателот Трамп ќе му даде приоритет на директниот ангажман, тесно соработувајќи со локалните лидери и засегнати страни за решавање на клучните прашања во секоја од овие земји. Неговата администрација ќе преземе активни чекори за да ги спречи странските влијанија да го дестабилизираат регионот, осигурувајќи дека Балканот ќе напредува на стабилен и просперитетен пат“, се вели во одговорот од кампањата на Трамп.

Исто така, се нагласува дека „неговиот стил и решителна заложба за градење силни сојузи засновани на взаемна корист и почит би биле во остра контраст со пасивната политика на актуелната администрација, давајќи им надеж на оние кои веруваат во посветла иднина на Балканот“.

Би можело да ве интересира

Трамп: Војната меѓу Русија и Украина мора да престане

А1он

Трамп го назначи конгресменот Мајк Волц за советник за национална безбедност

А1он

И Вучиќ се слушна со Трамп: Одличен разговор, најголема поддршка имаше од Србија

Предраг Петровиќ

Трамп Јуниор му се потсмева на Зеленски: „Уште 38 дена до губење на џепарлакот“

Предраг Петровиќ

Трамп победи и во Аризона, ги освои сите седум клучни држави

Предраг Петровиќ

По победата на Трамп, многу очајни Американци истражуваат како да се преселат во странство

Предраг Петровиќ