Хамас денеска ќе ослободи дополнителни руски заложници во знак на благодарност за ставот на Владимир Путин кон Газа, пренесува руската новинска агенција Тасс.
„Не ослободивме ниту еден Израелец кој е во Газа, освен Русинот Рон Кривој, кој го ослободивме во знак на благодарност за односот на рускиот претседател Путин“, го цитира Тас претставникот на Хамас, Муса Абу Марзок.
„Денес ќе ослободиме уште неколку Руси надвор од примирјето“, додаде Марзок.
Агенцијата забележува дека Марзок неодамна ја посетил Москва.
Кривој е пуштен на слобода на 26 ноември, а станува збор за Русин со израелско потекло кој работел како техничар за звук на музичкиот фестивал Нова, кој беше нападнат од Хамас.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Кривој е ослободен поради руските дипломатски контакти со Хамас.
Претседателот на Русија минатата недела изјави дека е неопходно да им се помогне на луѓето во Појасот Газа.
„Тоа е наша света должност“, рече Путин минатата среда.
Исто така, пред два дена изјави дека создавањето на палестинска држава во границите од 1967 година е клучен услов за решавање на палестинско-израелскиот конфликт.