Десет милиони тони жито и други прехранбени производи се извезени од Украина откако со посредство на ОН беше склучен Договорот за испораки на жито и храна преку Црното Море, соопшти денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Апелирам до сите страни да ги концентрираат своите напори кон две области – Прво, обновување и целосна имплементација на Црноморската иницијатива. Второ, отстранување на преостанатите пречки за извоз на руска храна и ѓубрива“, изјави Гутереш пред новинарите.
Тој изрази уверување дека изминатите неколку дена светот ја сфатил важноста на Црноморската иницијатива за жито во запирањето на кризата со храна, за намалување на цените и притисоците врз луѓето ширум светот, како и за намалување на ризикот од глад, сиромаштија и нестабилност.
Генералниот секретар на ОН, исто така, посочи дека се потребни заеднички напори за итно решавање на кризата на светскиот пазар на ѓубрива и повика на целосно искористување на руските извозни капацитети неопходни за таа цел.
„Високите цени на ѓубривата веќе ги погодуваат земјоделците ширум светот. Не можеме да дозволиме глобалните проблеми со достапноста на ѓубрива да се претворат во глобален недостиг на храна“, рече Гутереш.
Русија го суспендираше, но вчера повторно го обнови учеството во Договорот за жито, откако Украина даде гаранции дека коридорот во Црното Море и украинските пристаништа нема да се користат за непријателски активности против Русија.
На крајот на јули претставници на Русија, Украина, Турција и ОН потпишаа пакет од два документи. Првиот е меморандум со кој се дефинира посветеноста на ОН за отстранување на ограничувањата за извоз на руски ѓубрива и земјоделски производи на светските пазари, додека вториот дефинира алгоритам за извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море по хуманитарни коридори и со задолжителна инспекција.
Извор: МИА