Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш вели дека договорите за климатските промени постигнати на самитот на Г20 не ги исполниле неговите очекувања и изрази надежи за поамбициозно преземање обврски на Конференцијата на ОН во Глазгов.
На дводневниот самит во Рим овој викенд, лидерите на Г20 се согласија да го прекинат финансирањето на нови електрани на јаглен во странство, но не одредија конкретна година за постигнување нулта емисија на стакленички гасови.
Групата од седум најразвиени земји во светот, која ја сочинуваат најбогатите демократии, претходно ја одредија 2050 година за постигнување на таа цел, додека Кина, Русија и Саудиска Арабија, кои се дел од Г-20, за таа цел ја одредија 2060 година.
На самитот на Г20, Гутереш рече дека е потребна „поголема амбиција“ за намалување на емисиите на стакленички гасови со цел светот да биде на пат да одржи глобален просечен пораст на температурата од 1,5 степени Целзиусови до крајот на векот.
„Заминувам од Рим со неисполнети надежи, но барем тие не се закопани. Одиме на Конференцијата на ОН за климатски промени во Глазгов за да ја одржиме целта од 1,5 степени во живот и да ги спроведеме ветувањата за финансии и прилагодувања за луѓето и планетата “, напиша Гутереш на Твитер.
Иако признаваат дека негативните влијанија се „значително помали“ со зголемување од 1,5 степени Целзиусови, членките на Г20 останаа посветени на послабата цел од Парискиот климатски договор од 2015 година, кој повикува на задржување на просечниот пораст на температурата „многу под“ 2,0 степени Целзиусови со „напор“ да се достигне границата од 1,5 степени.
Иако разликата може да изгледа незначителна, Научниот комитет на ОН посочува дека нарушувањата како што се зголемувањето на нивото на морето и екстремните временски услови се многу помали со просечен пораст од 1,5 степени отколку од 2,0 степени Целзиусови.