Претседателските избори во Австрија се претворија во исклучително турбулентен настан, откако по пребројувањето на гласачките ливчиња резултатот на двајцата кандидати е речиси изедначен.
Александер ван дер Белен, независен кандидат со поддршка на Зелените сепак има три илјади гласови повеќе од кандидатот на антиисламиската и евроскептичната Слободарска партија, Норберт Хофер. На овие избори важен е секој еден глас, а одлучувачки за одредување на идниот претседател ќе бидат гласовите на граѓаните, кои гласале по пошта, а кои ќе бидат преброени до денеска вечер.
Одѕивот на гласачите во вториот круг од претседателските избори изнесуваше 72 отсто и е повисок од првиот круг.
Во првиот круг Хофер освои 35 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат Белен, независен кандидат со поддршка на Зелените, освои 21 проценти.
Двајцата лесно ги победија кандидатите на Социјалдемократската и на Народната партија, кои доминираат на австриската политичка сцена по Втората светска војна.
Тоа предизвика потрес меѓу владејачките социјалдемократи, па канцеларот Вернер Фајман беше принуден да поднесе оставка, а го наследи Кристијан Керн.
Претседателот на Австрија има церемонијална улога, но теоретски може да ја распушти Владата и да предизвика политичка криза во земјата. Тој исто така е врховен командант на австриските Вооружени сили.