Турскиот министер за внатрешни работи Муамер Ѓулер изјави денеска дека е неопходно демонстрантите да се повлечат од паркот Гези во Истанбул и да користат различни методи од сегашните за изразување на барањата.
Ѓулер нагласи дека форматот на сегашните протести акции е неприфатлив.
– Таксим, паркот Гези – тоа се места отворени за посета. Во моментот, луѓето кои се наоѓаат таму им пречат на посетителите слободно да се движат.
– Во паркот има демонстранти и провокатори. Сите видовме што направија маргинални групи. Таа акција не може да продолжи на тој начин. Треба да се спречи додека не е нанесена поголема штета, изјави Ѓулер.
Тој додаде дека властите и полцијата се подготвени да преземат мерки за извлекување на демонстрантите од паркот Гези. Ѓулер вети дека во таков случај нема да се преземат мерки со употреба на сила.