Лидерот на проруските сепаратисти во источна Украина, Игор Гиркин, денеска изјави дека владините сили презеле едно клучно населено место и на тој начин бастионот на бунтовниците Доњецк е целосно опколен, пренесоа американските медиуми.
Оваа изјава на поранешниот припадник на руските специјални единици (познат по партизанското име Стрелков) е признание дека украинската армија дојде до превласт во четиримесечните борби со сепаратистите, коментираат светските агенции.
Според Гиркин, „непријателот го зазел“ градот Красниј луч, лоциран на патот меѓу Доњецк и Луганск, вториот бастион на бунтовниците во соседната Луганска област.
-Групата „Доњецк-Хорливка“, со борци на Новорусија, е целосно опколена, изјави тој за еден сепаратистички сајт.
Со терминот Новорусија обично се означуваат териториите во источна Украина во кои се крена сепаратистичкиот бунт, појаснуваат американските медиуми.
Порпаролот на владината антитерористичка операција, Андриј Лисенко, денеска изјави дека не може да го потврди преземањето на Красниј луч од страна на владините сили, дополнуваат агенциите.
Според првиот вицепремиер на самопрогласената „Доњецка Народна Република“, Андреј Пургин, градот Доњецк не е целосно опколен, пренесе ИТАР-ТАСС. Тој призна дека „градот е во тешка воена состојба“, но дека се уште има коридор преку градот Макеевка.
Пургин изјави дека Доњецк одамна е опколен „во полукруг“, но продолжува отпорот и информациите за целосна опсада не се точни.