Проширените израелски воени операции во Газа ќе имаат „разорни последици“, предупреди денеска генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Тој, исто така, рече дека хуманитарните напори предводени од неговата организација во Газа се блокирани, одложувани и отфрлени, и дека луѓето во палестинската енклава умираат од глад поради „намерни одлуки против фундаменталното човештво“.
„Гладувањето на цивилното население никогаш не смее да се користи како метод на војување. Цивилите мора да бидат заштитени. Пристапот до хуманитарна помош мора да биде непречен“, им рече Португалецот на новинарите.
„Имаше доволно изговори. Доволно пречки и доволно лаги“, нагласи тој.
Локалните здравствени власти во Газа објавија најмалку 16 мртви и неколку десетици повредени Палестинци на југот од Појасот Газа во четврток. Жителите, исто така, известуваат за зголемено бомбардирање на Газа, пренесува Ројтерс.
Израел се подготвува да го преземе тој град, најголемиот во енклавата, и покрај повиците од меѓународната заедница да се откаже од одлуката, што може да предизвика значителни жртви. Во моментов има еден милион палестински бегалци во Газа.