Израелската армија „наскоро ќе започне операција“ на северот на земјата, на границата со Либан, каде што секојдневно разменува оган со Хезболах, изјави денеска израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
Министерот ги информирал војниците распоредени во близина на границата со Појасот Газа дека ќе бидат испратени на северот на земјата.
„Наскоро ќе почнат со акцијата, така што силите на север се засилени“, рече министерот и додаде дека резервистите ќе ги напуштат позициите за да се подготват за идните операции.
Началникот на израелскиот Генералштаб Херзи Халеви неодамна изјави дека изгледите за војна на северот на земјата „во следните месеци“ сега се „многу повисоки од порано“.
Во повеќе од три месеци размена на оган со Хезболах во Либан, според податоците на АФП, загинале повеќе од 200 луѓе. На израелска страна 15 загинати, од кои 9 војници и 6 цивили, соопшти израелската армија.
Министерот рече и дека борците на Хамас во Појасот Газа немаат муниција и храна, но дека војната ќе продолжи со месеци.