Презадолженоста на Франција го доведува во прашање нејзиниот опстанок, предупреди денес премиерот Франсоа Бајру, пред гласањето за доверба на владата, битка што се очекува да ја изгуби, што би можело да ја фрли втората по големина економија во еврозоната во уште подлабока криза.
Бајру, четвртиот премиер за помалку од две години, повика на гласање за доверба поради акутниот притисок со кој се соочува Франција со минатогодишниот дефицит од 3 проценти од БДП, речиси двојно поголем од европскиот лимит и јавен долг од 113,9 проценти од БДП.
Тој го предупреди парламентот дека секоја следна влада ќе се соочи со истите проблеми.
„Имате моќ да ја соборите владата, но немате моќ да ја избришете реалноста. Реалноста ќе остане неумолива: трошоците ќе продолжат да растат, а товарот на долгот, веќе неподнослив, ќе стане потежок и поскап“, им рече Бајру на пратениците.
Опозициските партии јасно ставија до знаење дека не се согласуваат со него за тоа како да се справи со долгот и ќе гласаат против малцинската влада на Бајру.
„Клучното прашање, прашање на живот или смрт, каде што е во прашање нашиот опстанок… е прашањето за контрола на нашите трошоци, прашањето за презадолженост“, предупреди Бајру во парламентот.
Падот на малцинската влада, што изгледа веројатно, би можел да ги продлабочи проблемите на Франција во критично време за Европа која бара единство, соочена со војната на Русија против Украина, сè подоминантната Кина и трговските тензии со САД.
„Нашата земја има итна потреба од јасност, има најитна потреба од единство. Но, токму поделбата се заканува да преовлада, што го загрозува нејзиниот имиџ и углед“ – рече францускиот премиер.