Фолксваген е во преговори со израелската компанија „Рафаел Адвансд Дифенс Системс“ за договор за префрлање на производството во една од нејзините фабрики од автомобили на системи за воздушна одбрана.
Двајца луѓе запознаени со планот изјавија за „Фајненшл тајмс“ дека компаниите планираат да пренаменат фабрика во Оснабрик за производство на компоненти за израелскиот систем за воздушна одбрана „Железна купола“.
Ова е најпознатиот пример досега за германската автомобилска индустрија, погодена од пад на профитот поради зголемената конкуренција од Кина и бавниот премин кон електрични возила, која се свртува кон брзорастечкиот одбранбен сектор.
Двете компании се надеваат дека ќе ги спасат сите 2.300 работни места во фабриката во Долна Саксонија, на која ѝ се закануваше затворање, и планираат да го продадат системот на европските влади. „Целта е да се спаси сè, можеби дури и да се зголеми. Потенцијалот е огромен. Но, исто така, одлука е на поединечните работници дали сакаат да бидат дел од идејата“, нагласи еден од изворите запознаени со планот.
Според друг извор, германската влада активно го поддржува предлогот.
Фолксваген веќе произведува воени возила преку заедничко вложување помеѓу неговата подружница МАН и германската компанија Рајнметал. Но, партнерството со Рафаел би значело значително враќање на производството на оружје за Фолксваген, кој произведуваше воени возила и летачката бомба В1 за Вермахтот на Хитлер за време на Втората светска војна.
Според планот, фабриката во Оснабрик би произведувала разни делови од системот „Железна купола“, вклучувајќи тешки камиони што носат ракети, лансери и електрични генератори, но не и самите ракети. Проектот би барал минимални нови инвестиции.
„Потребни се некои пари за да се премине на ново производство, но е доста едноставно“, рече еден од изворите. Тој додаде дека идејата е да се комбинира „докажаната одбранбена технологија со германското производство“.
Производството би можело да започне во рок од 12 до 18 месеци, под услов работниците да се согласат со преминот на воена опрема. Рафаел планира да постави посебен производствен погон на друго место во Германија за производство на ракетите, за кои се потребни специјализирани услови.
Компанијата се надева дека ќе го продаде системот „Железна купола“ на европските земји, вклучително и Германија, кои брзо ја зајакнуваат својата воздушна одбрана како дел од пошироката трка во вооружување по руската инвазија на Украина. Германија минатата година ја доби првата од трите батерии на израелскиот систем „Arrow 3“, произведени од „Israel Aerospace Industries“.
Според трет извор запознаен со планот, Рафаел ја избрал Германија за европско производство поради нејзиниот статус како еден од најсилните сојузници на Израел во Европа.
Се очекува околу 35.000 вработени да го напуштат „Фолксваген“ до 2030 година.
Овој потег доаѓа во време кога најголемата економија во Европската Унија планира да потроши повеќе од 500 милијарди евра за одбрана до крајот на деценијата, а воздушната одбрана е меѓу нејзините главни приоритети.
Сепак, некои експерти ја доведуваат во прашање соодветноста на системот „Железна купола“, кој има дострел од околу 70 километри и главно се користи за пресретнување ракети од Газа, за одбрана на европските земји од закани со поголем дострел.
Рафаел веќе произведува ракети Спајк во Германија за европските земји преку заедничко вложување со Рајнметал и Дил Дифенс, а исто така го произведува и системот Трофи за заштита на тенкови и оклопни возила.
Фолксваген бара решение за фабриката во Оснабрик, каде што производството на автомобили треба да заврши следната година како дел од планот за намалување на трошоците договорен во 2024 година. Околу 35.000 вработени во Фолксваген треба да ја напуштат компанијата до 2030 година, но сите намалувања на работни места се планирани на доброволна основа.
