Еврокомесарот за проширување Штефан Филе денеска пред шефовите на дипломатиите на Унијата изјави дека земјите-кандидати ќе и се приклучат на ЕУ која ќе биде поинаку организирана од сегашната.
– Од дискусиите кои се водеа денеска јасно се гледа дека ЕУ, во која еден ден ќе влезат земјите кои сакаат да се приклучат, ќе биде поинаква од Унијата која ние ја познаваме денес, истакна Филе во својот говор на неформалниот состанок на Министерскиот совет во Даблин.
Тој додаде дека во Комисијата на големо се работи на интеграцијата на идните членки со новото економско уредување на ЕУ и ја предупреди Ирска, која претседава со Европскиот совет, дека ќе има „полни раце работа“ во врска со проширувањето.
Србија и Македонија за време на ирското претседавање, кое трае до 1 јули, очекуваат добивање датум за почеток на преговори, а Црна Гора се надева на отворање на нови поглавја во преговорите за членство во ЕУ.
Филе истакна пред министрите дека сега е најважно да се одржи темпото во процесот на проширување, а клучот на успехот се наоѓа во земјите-кандидати кои треба да ги спроведат потребните реформи.