Поранешниот кубански лидер Фидел Кастро се појави вчера во јавноста на неговиот 90. роденден.
Државната телевизија нешто по 18 часот во саботата емитуваше снимка од Кастро како полека приоѓа до своето место во театарот „Карл Маркс“. Тој носеше горен дел од тренерка пума и зелена кошула.
Седна на местото, кое изгледаше како специјално опремена инвалидска количка и гледаше музичка приредба во изведба на детски театар, која беше проследена со сцени од најважните случувања од неговото владеење.
Покрај Фидел седеа неговиот помал брат, претседателот на Куба Раул Кастро и претседателот на Венецуела Николас Мадуро, како и највисоки воени и цивилни функционери на Куба.
Фидел Кастро во јавноста не беше виден од април.