Курир – Белград
Герилец, државник и еден од најживописните лидери на модерната историја во саботата го прослави 90-ор роденден. Многу Кубанци не го познаваат животот без човекот, кој едноставно го викаат Фидел.
– На сите ќе ни дојде тој час, рече Фидел Кастро на конгресот на Комунистичката партија во април, прогласувајќи ја сопствената смртност. Тоа беше доволно неколку делегати да се расплачат.
Во текот на своето владеење од 1959 до 2006 година Кастро се спротивставуваше на десет американски претседатели. Воспостави комунистички режим пред вратите на САД и наводно преживеал 600 обиди за атентат.
Фидел Кастро е роден на 13 август во 1926 година во Бирано на истокот на Куба, во вонбрачна врска на шпанскиот доселеник, кој станал велепоседник, Анхел Кастро и негова слугинка.
По раѓањето на Фидел неговите родители ја озакониле својата врска.
Училиштето го посетувал заедно со децата на наемните работници на фармите и од раното детство сведочел за сиромаштијата во која живееле многу Кубанци.
Студирал право во Хавана и веднаш влегол во политиката на факултет. Младиот Кастро не ги криел своите амбиции. На колегите им зборувал дека сака „слава и углед” и ни од близу не живеел како спартански револуционер, носел фини костуми и возел кабриолет.
По завршувањето на студиите отворил адвокатска канцеларија, но политиката му останала страст. Во 1952 година се кандидирал за место во Парламентот, но пучот под водство на Фулгенсио Батиста ги спречил изборите.
Диктатурата на Батиста ја спречила политичката кариера на Кастро и го претворила во револуционер.
По една година Кастро и неколку другари ја нападнале касарната во Сантијаго. Обидот за удар бил многу лошо планиран и војската лесно го спречила. Заговорниците биле уапсени. – Осудете ме, не ми е гајле. Историјата ќе ме ослободи, им рекол гневниот Кастро на судиите.
Бил осуден на 15 години, но е пуштен по две откако Батиста прогласил општа амнестија. Со братот Раул отишол во Мексико и таму почнал да основа нова револуционерна група.
Во егзил го запознал младиот аргентински доктор Ернесто Че Гевара, кој подоцна ќе му стане соборец и ги учел тактиките на герилското војување.
Кастро се вратил на Куба со јахтата „Гранма“ во 1956 година. Во земјата довел уште 81 герилец. По почетните порази и загуби, групата полека добивала на бројност и на сила.
Во 1958 година покренале успешна офанзива против војската. Батиста побегнал од земјата на 31 декември 1958, а Кастро на 1 јануари 1959 прогласил победа на револуцијата.
Со Куба владееше со железна рака, ги кршеше човековите права и ги задушуваше демократските обиди. Го национализира имотот на странските компании, што заедно со земјишната реформа, го доведе во судир со Американците. Вашингтон воведе трговско ембарго, кое е во сила и денес и организираше неуспешна инвазија на Куба во Заливот на свињите во 1961 година.
Сојузништвото на Кастро со СССР и доставата на советски проектили на Куба во 1962 година, светот го доведува до раб на нуклеарна војна. Но, Кастро наспроти тоа се позиционира како една од клучните фигури на Движењето на неврзаните.
– Покажа дека социјалистичката револуција во Третиот свет е можна, вели Берт Хофман од хамбуршкиот Институт за латионамерикански студии. – Бесплатното образование и здравствената заштита се глобално признати остварувања, додаде тој.
Но по распадот на СССР, Куба западна во длабока економска криза. Многу Кубанци се сеќаваат на немаштијата која ја трпеле во почетокот на 90-те години. Само приходите од туризмот и помошта со нафта од богатата Венецуела го спасија социјалистичкото лидерство од пропаст.
Фидел се откажа од власта во јули 2006 година поради тешка, но никогаш необјаснета болест. По две години неговиот брат Раул и официјално го наследи на сите државни функции.
Раул ја нема харизмата на постариот брат, но не наиде на никаков отпор во преземањето на власта, а во 10 години раководење со државата по нешто и либерализираше.
Фидел остана силен симбол. – Тој е неопходен и како жив идеал и како идеално оправдување, посебно сега кога се затоплија односите со Америка, вели неговиот биограф Волкер Скиерка.