Европската комисија им препорачува на сите земји-членки на ЕУ да извршат ДНК анализи на замрзнатите полупроизводи од говедско месо, изјави синоќа еврокомесарот за здравство и потрошувачки прашања Тонио Борч, по вонредната министерска средба во Брисел, посветена на скандалот со коњското месо откриено во производи со етикети на говедско.
– За утврдување на вистинските размери на проблемот ние ги замоливме националните санитарни власти да направат ДНК анализи на соодветните производи, нагласи еврокомесарот.
Предлогот ќе биде испратен денеска до сите земји-членки на Унијата.
Од своја страна, ЕВРОПОЛ се ангажира да ги координира криминалните истражувања, кои се водат во неколку земји на ЕУ, со цел да се утврди каде е извршена измамата која доведе до употреба на коњско наместо говедско месо.