ЕУ ги повика Израелците и Палестинците да не го поткопуваат продолжувањето на преговарачкиот процес, наспроти најавеното обновување на изградбата на еврејски населби во Источен Ерусалим и на Западниот брег.
– Изразуваме задоволство од продолжувањето на преговорите на 14 август и ги повикуваме двете страни да покажат лидерство и динамичност, со цел преговорите да стигнат до својата цел, изјави Мајкл Ман, портпарол на Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон.
Двете страни треба да се воздржат од секаков потег што би можел да ги попречи преговорите, нагласи Ман на прес-конференција во Брисел.
Во однос на најавената изградба на еврејски населби на палестинска територија од страна на израелските власти, Ман оцени дека населбите на Западниот брег се нелегални од гледна точка на меѓународното право.
– Постои опасност овие колонии да го направат невозможно решението со две држави, предупреди тој.