Европската унија ќе побара од своите 28 членки да ги зајакнат патролите во Медитеранот, со цел во иднина да се спречат бродски несреќи со имигранти, како неодамнешниот бродолом кај италијанскиот остров Лампедуза, во кој загинаа најмалку 232 лица, додека над сто се сметаат за исчезнати.
Еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малмстром изјави денеска по разговорите со ресорните министри на државите членки дека ќе предложи голема операција на Агенцијата за управување со границите на ЕУ, Фронтекс, во Медитеранот од Кипар до Шпанија за увежбување на спасувачки интервенции.
И покрај значително намалениот буџет во изминатите три години, кој во меѓувреме се потпираше на донации, Малмстром ќе побара значително зголемување на ресурсите, а ќе се обиде оваа тема да ја постави и на дневен ред на самитот на шефовите на државите и влади на ЕУ, кој ќе се одржи кон крајот на месецот во Брисел.
Буџетот на Фронтекс изнесуваше 118 милиони евра во 2011 година, а минатата 85 милиони евра.