ЕП ја одобри спогодбата за асоцирање на Грузија со ЕУ

Од:

Европскиот Парламент денеска ја одобри спогодбата за асоцирање на Грузија со ЕУ. Зад ваквата одлука на пленарната седница на Европскиот Парламент во Стразбур застана мнозинството од 490 европратеници, наспроти 76 кои гласаа против, пренесоа ДПА и ТАСС.

Ова е третата ваква спогодба во последните три месеци што ЕП ја ратификува со некој источен сосед на ЕУ. Претходните две беа постигнати со Украина и Молдавија.

Пред да влезе во сила, спогодбата, што ги утврдува тесните политички врски и ги отстранува трговските бариери меѓу ЕУ и Грузија, треба да биде ратификувана и од 28-те земји членки на Европската унија. Десет земји веќе го направиле тоа, денеска соопшти грузискиот претседател Георги Маргвелашвили.

-Денеска е исклучителен и многу важен ден за мојата земја, која се качува нагоре по скалата кон европското семејство на народите, рече тој по гласањето во Стразбур.

Тој изјави дека се надева дека еден ден Грузија ќе се приклучи кон ЕУ.

Според европратеникот Андреас Мамикинс, спогодбата докажува дека „Грузија е европска земја, една од лулките на европската цивилизација“.

Освен спогодбата, европратениците донесоа и незадолжителна резолуција за ситуацијата во Грузија. Во неа се искажува поддршката за територијалната целост на земјата и се повикува Русија „повторно да го разгледа признавањето на Абхазија и Јужна Осетија“ и да преземе обврска да не употребува сила.

Во текстот уште се наведува дека европратениците „го поддржуваат воведувањето на безвизен режим, кога сите услови за тоа ќе бидат почитувани“.

Во резолуцијата има и критики за Грузија. Пратениците ги изразуваат своите стравувања „по повод потенцијалното искористување на судскиот систем во борбата против политичките опоненти, што може да ги поткопа напорите на грузиските власти при спроведувањето на демократските реформи“ и затоа Тбилиси се повикува „да се избегне
претворањето на правосудниот систем во инструмент за политичка одмазда“.

Би можело да ве интересира

Бжанија: Останувам на функцијата избран претседател на Абхазија

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Демонстрантите во Грузија упаднаа во парламентот, не сакаат да го напуштат

ВИДЕО: Демонстрантите го презедоа Собранието во Абхазија, претседателот избега

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Граѓаните на Грузија повторно на улица, бараат нови избори

А1он

(ВИДЕО) Десетици илјади луѓе на улиците во Грузија, ја молат Европската Унија за помош: „Ние не ја сакаме Русија“

А1он