Единици на украинската армија презеле девет барикади во Славјанск, а градот е опколен, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков на својот Фејсбук профил.
Во операцијата во Славјанск учествуваат единици на украинското МВР, Националната гарда и вооружените сили. Доброволците против нив користат тешко вооружување, вклучувајќи гранати и преносливи ракетни комплекси, додаде Аваков.
Во најскоро време во зоната на одржување на специјалната операција ќе биде запрено движењето на железничкиот сообраќај, а движењето по патиштата во реонот на Славјанск ќе биде ограничено до минимум, истакна Аваков.
Тој ги повика жителите на Славјанск и Краматорск да не излегуваат по улиците и да не стојат до прозорците.
Аваков потврди, дека еден пилот на хеликоптер е убиен и неколку ранети во операцијата во Славјанск и ги обвини проруските сепаратисти дека користат професионални платеници.