Градските власти на Џакарта денеска донесоа одлука со која работното време на рестораните и ноќните клубови временски се ограничува и ниеден локал за забава не ќе смее да работи по полноќ.
Поднесувачите на иницијативата ја образложија одлуката како мерка за спречување на наркоманијата и проституцијата, кои земаат замав во 22-милионскиот мегалополис.
Забраната строго ќе се спроведува, соопштија градските власти, додавајќи дека не донеле само формална одлука, туку мерка која полицијата и бројната туристичка инспекција строго ќе ја спроведуваат, а прекршителите ригорозно ќе бидат казнувани.
Противниците на одлуката тврдат дека законот требало да ги исклучи странците кои живеат во Џакарта. Според нив, во градот каде што сонцето излегува точно во 6 часот, а заоѓа точно во 18 часот, по напорната работа во тропски услови, странците имаат обичај да вечераат и да се одморат дома, а дури околу полноќ да ги посетуваат рестораните, клубовите и другите места за забава.
Одговорот на властите на ваквата забелешка е дека е поважен општиот интерес од поединечите желби на странците, сеедно колку и да се тие добредојдени и колку Џакарта да им е благодарна за придонесите во економскиот и социјалниот развој.