Полицијата во Анкара успеа да ги убеди демонстрантите во паркот Кугулу да ги соберат поставените шатори, јави Анадолија.
Специјалните единици на полицијата од рано изутринава почнале преговори со демонстрантите во паркот.
Во Кугулу во изминатите две недели беа поставени неколку десетици шатори. Во нив беа сместени претежно студенти, кои имаа за цел да изразат солидарност со учесниците во протестите во паркот Гези во Истанбул.
Претходно полицијата презема силни обиди да го расчисти паркот во Анкара, но наиде на остар отпор од демонстрантите.
Изутринава командант на полициската единица успеал во разговор со некои од демонстрантите да ги убеди мирно да ги соберат шаторите и да си заминат дома. Тој побарал да си заминат дома, без да биде принуден да употреби сила.
Демонстрантите се согласиле по што двете страни го поздравиле договорот со аплауз. Демонстрантите ги поздравиле мирните намери на полицијата, а чуварите на редот позитивниот пристап на демонстрантите. Сепак, не е познато дали сите го напуштиле паркот.