Германската Социјалдемократска партија (СПД), која освои најмногу гласови на неодамнешните парламентарни избори, има приоритет во обидот да формира нова влада, објави денеска Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), сестринската партија на конзервативците на Ангела Меркел.
– Лидерот на СПД Олаф Шолц има поголеми шанси да биде канцелар, рече лидерот на ЦСУ Маркус Шедер, со што се дистанцираше од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Армин Лашет, кој има намера да ја наследи Ангела Меркел, иако ЦДУ освои помалку гласови од СПД.
Доколку ЦСУ целосно се огради од ЦДУ, таа партија нема да може да коалицира со партијата Зелени и со либералите. Шедер рече дека „првото и очигледно решение“ е коалицијата СПД со еколози и либерали.
Социјалдемократска партија и нејзиниот лидер Олаф Шолц освоија 25,7 проценти од гласовите, малку повеќе од конзервативната унија ЦДУ-ЦСУ на Армин Лашет, која достигна историски најниско ниво од 24,1 проценти. Конзервативците никогаш немале помалку од 30 проценти од гласовите.
Зелените се трети на изборите со 14,8 проценти од гласовите, а либералите ФДП добија 11,5 проценти од гласовите.